Со Света Архиерејска Божествена Литургија и молитвено собрание ќе биде одбележан почетокот на црковниот живот на македонските православни верници во Салцбург - Австрија
Салцбург, Австрија
Со благослов на Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, македонските православни верници од Салцбург и околината го започнуваат својот организиран црковен живот во рамките на Европската епархија на МПЦ-ОА. Со основањето на Македонската православна црковна општина во Салцбург, уште еден град во Австрија станува место на собирање на македонските православни верници околу светата вера, богослужбениот живот и духовното предание на Македонската Православна Црква.
По Виена, Линц и Филах, македонскиот православен духовен живот во Австрија продолжува да се утврдува и да се проширува и во Салцбург. Овој настан претставува значаен момент за македонските православни верници, кои во новата Црковна општина добиваат свое духовно прибежиште и место за заедничка молитва, богослужение и негување на православната вера и македонското духовно и културно наследство. Круна на овој значаен настан ќе биде Светата Архиерејска Божествена Литургија, која за првпат ќе биде отслужена во Салцбург на 19 септември 2026 година, по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица. Со Светата Архиерејска Божествена Литургија ќе чиноначалствува Неговото Високо Преосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен.
На овој свет и свечен ден, македонските православни верници од Салцбург и околината ќе се соберат во молитва, благодарност и братска љубов, принесувајќи ги своите молитви пред Бога и молејќи се за благослов и напредок на новоформираната Црковна општина. Молитвеното собрание во Салцбург ќе биде и потсетување дека Црквата е местото каде што верните, без оглед на местото на живеење, се собираат околу Христа, околу Светата Литургија и околу заедничката православна вера. Основaњето на Македонската православна црковна општина во Салцбург не е само административно воспоставување на нова црковна заедница. Тоа е нов духовен почеток и создавање простор во кој македонските православни семејства ќе можат да ја живеат својата вера, да ги воспитуваат своите деца во духот на православното предание и да ја негуваат духовната поврзаност со Македонската Православна Црква. Во оваа Црковна општина верата, молитвата, богослужбата, македонскиот јазик и духовното наследство ќе бидат темел врз кој ќе се гради заедништвото на македонските православни верници во Салцбург и околината. Особено значајно е што овој нов црковен почеток се случува токму во деновите кога Црквата го празнува Рождеството на Пресвета Богородица – празник кој верниците ги повикува кон молитва, надеж и благодарност кон Бога.
Четири градови, една Црква, една вера
Со основањето на Црковната општина во Салцбург, македонското православно семејство во Австрија се собира околу уште еден духовен центар.
Виена, Линц, Филах и Салцбург – четири градови, една Црква, една вера, едно македонско духовно семејство.
Овој нов почеток е плод на желбата на македонските православни верници својата вера да ја живеат заеднички, во духот на православното единство и црковното предание, и својата духовна традиција да ја пренесуваат на идните поколенија. Затоа, Европската епархија ги повикува македонските православни верници од Салцбург и околината, како и сите верници од другите македонски црковни општини во Австрија, да земат молитвено учество во оваа свеченост и заеднички да го одбележат почетокот на новиот црковен живот.
Нека овој ден биде ден на молитва, радост и благодарност кон Бога, а новоформираната Македонска православна црковна општина во Салцбург нека биде место на непрестајна молитва, љубов, слога и духовно единство.
Со молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш со благословот Божји, нека расте и се утврдува македонското православно духовно семејство во Австрија.

Света Архиерејска Божествена Литургија
Сабота, 19 септември 2026 година
• Почеток: 09:00 часот
• Адреса: Zechnerstraße 3, 5400 Hallein, АвстријаСо молитва и љубов да го дочекаме овој историски ден.
Добредојдени се сите македонски православни верници!
