• kabinet@mpee.mk
Banner

За епархијата

За епархијата


ЕВРОПСКА ЕПАРИЈА  

Православниот Македонец длабоко во себе ја носел верата и традицијата, која ја пренел со себе и во својата потрага по подобра егзистенција, дури и кога ја напуштал родната земја. Нашите први иселеници во Скандинавија, носени од желбата да имаат своја Македонска црква, започнале да се организираат во црковни општини уште во 1973 година. За подоцна, нивниот пример го следат и други цтковни општини низ Европа. Но, најголемата експанзија во формирањето на македонските црковни општини се случува по референдумската одлука за самостојност на нашата татковина. Во тој период се раѓа и идејата за формирање на Европска епархија, која ќе ја координира работата на сите формирани Македонски православни црковни општини на тлото на Европа.

Со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, а потврдена на Архиепископскиот црковно-народен собор во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, одржан на 04.12.1993 година, е формирана Европската Епархија, а на истиот собор за Архиепископ на Македонската православна црква е избран тогашниот Митрополит Повардарски г. Михаил кој својата прва канонска визитација надвор од границите на Македонија, ја прави во црковната општина „Свети Никола“ во Мајнц. Во придружба со Архиепископот г.г. Михаил е тогашниот Митрополит г. Стефан, протојереј Стојко Ристовски и првиот македонски парох воопшто во Европа, протојереј ставрофор Блажо Кожарски, кои со архиерејска света Литургија во тогашната придружна просторија при католичката црква „Свети Бернард“ во Мајнц, Бреценхајм го започнаа формирањето на управните тела и органи, во чиј состав како мирски лица влегоа првиот претседател на црковната општина „Свети Никола“ од Мајнц – Јован Зафировски, Миланка Тосева од црковната општина Свети „Кирил и Методиј“ од Дортмунд, и други членови од другите црковни општини од Германија и Европа.   


 На Црковно-народниот собор во Охрид 1995 г. се потврди оваа одлука а на седницата на САС на МПЦ одржана на 25.08.1995 г. за прв надлежен архиереј е избран митрополитот г. Горазд. Од 2006 година како надлежен архиереј за оваа епархија е поставен митрополитот г. Пимен.

Во рамките на епархијата се изградени и се осветени три нови цркви „Свети Наум Охридски“ во Тринген Швајцарија, „Свети Наум Охридски“ во Малме Шведска и „Св. Никола“ во Мајнц Германија.
 На 26 октомври 2014 година, во Загреб, се удрени темелите на црквата „Св. Злата Мегленска“ како прва македонска црква во Хрватска
 Исто така во 2019 година се удрени темелите за нова црква во МПЦ „Св. Кирил и Методиј“ Дортмунд Германија.

 
 Епархијата денес има вкупно 41 црковни општини и е поделена на четири архиерејски намесништва, и тоа:


Северноевропско архиерејско намесништво.
Средноевропско архиерејско намесништво.
Јужноевропско архиерејско намесништво.
Западноевропско архиерејско намесништво.


 Во европската епархија има 23 редовни свештеници, од кој што осум свештеници се во Германија, по двајца во Италија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Шведска и Австрија, и по еден во Холандија, Англија, Франција.
 
  

Потпретседател на Европското Собрание 
г-дин
Марјан Цветковиќ (Тринген - Швајцарија)
е-маил: e.sobranie@mpee.mk

Референт на МПЕЕ во кабинетот во Скопје
Атанас Илиевски 
е-маил: referent@mpee.mk 

Канцеларијата на епархијата е во Скопје на Партизански Одреди бр.12, 1000 Скопје, Р. Македонија

† Оние кои ќе им пријдат на страдалниците природно Му се приближуваат на Бог, зашто Бог е секогаш покрај своите чеда кои страдаат.
- Старец Пајсиј Светогорец