• kabinet@mpee.mk
Banner

Митрополит

Митрополит

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен

Роден во Ресен, Република Македонија, на 3 октомври 1971 година, од православни родители, со световно име Сотир Илиевски. Основното и средното образование ги завршил во Ресен. Во учебната 1994/95 година се запишал на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По завршувањето на трета година од студиите, во мај 1997 година, заминува во манастирот „Свети Леонитиј“ во Водоча, каде што истата година е замонашен и го добива името Пимен. Во истата година е ракоположен во јероѓаконски чин, а потоа и во јеромонашки чин од надлежниот митрополит на Струмичката епархија, г. Наум.

Во почетокот на 1998 година е поставен за старешина на манастирот „Свети Петнаесет Свештеномаченици“ во Струмица, а од втората половина на истата година е назначен за старешина на манастирот „Свети Леонитиј“ во Водоча. Во јануари 1999 година е произведен во игуменски чин, а од септември истата година ја врши должноста Архиерејски намесник на Струмичката епархија. Од 2003 година е на должноста секретар на Струмичката епархија.

Во февруари 2004 година со братството се сели во манастирот посветен на „Свети Климент и Наум“ во село Хамзали – Струмичко, каде што е поставен за старешина на манастирот. Во март 2004 година ги завршува студиите на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, а на Цветници истата година е произведен во архимандритски чин.

Од септември 2004 година се наоѓа во Париз, Франција, каде што се запишува на постдипломски студии на Православниот Теолошки институт „Свети Сергеј“ во Париз, а истовремено е парохиски свештеник во Македонската Православна Црковна Општина „Св. Климент Охридски“ – Париз и „Св. Илија“ – Брисел, Белгија.

На Синодската седница во април 2005 година, Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го вбројува на списокот за избор на нови архиереи, заедно со архимандритите Методиј и Климент.

На празникот на сите Македонски светители, на 1/2 октомври 2005 година, во новообновениот храм на „Свети Пантелемон“ и „Свети Климент Охридски“ на Плаошник, а наредниот ден во катедралната црква на Охридските Архиепископи „Света Софија“ во Охрид, бил хиротонисан за викарен епископ на Струмичката епархија со титула Епископ Полјански.

Од 6 април 2006 година е поставен за администратор на Македонската Православна епархија за Европа, со сите права и должности. На редовна седница одржана на 22 јуни 2006 година, Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го поставува за митрополит на Македонската Православна Епархија за Европа.

Зборува француски и англиски, а се служи и со руски јазик.


  

† Оние кои ќе им пријдат на страдалниците природно Му се приближуваат на Бог, зашто Бог е секогаш покрај своите чеда кои страдаат.
- Старец Пајсиј Светогорец