• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Денес во Господа се упокои г.Горазд првиот Митрополит на Европската Епархија МПЦ-ОА

Негово Високопреосвештенство  Митрополит Европски Горазд, првиот митрополит на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија


(1936 – 2020)

Денес, понеделник, 28 декември 2020 година, во раните утрински часови, по долго боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, Поранешниот митрополит Европски Горазд.

Заупокоената Литургија и Опелото ќе се отслужат во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, со почеток од 9 часот.

Вечното почивалиште на митрополитот ќе биде во манастирот „Св. пророк Илија“ — Чардак.

Кратка биографија на Митрополитот Горазд

Неговото Високопреосвештенство Горазд (Димитровски) е роден на 21. 9. 1936 година во с. Стрезовци (Кумановско). На крштението го добил името Богољуб. Основно образование завршил во родното место, а потоа се запишал во Богословијата во манастирот Раковица кај Белград, која со успех ја завршил. Потем се запишал на Богословскиот факултет на Белградскиот универзитет, каде дипломирал во 1964 година. По дипломирањето дошол во Скопје и извесно време работел како службеник во Македонската Архиепископија.

По ракополагањето во презвитерски чин, бил поставен за  парохиски свештеник при храмот „Света Петка“, а подоцна и во храмот „Свети великомаченик Георгиј" во Чаир, во Скопје. Откако овдовел, бил замонашен во манастирот „Свети великомаченик Георгиј" во Криви Дол, Скопје, добивајќи го името на еден од учениците на светите браќа Кирил и Методиј – Горазд. Бил хиротонисан за викарен Епископ на Архиепископот Доситеј, со титула Епископ Тивериополски, на 26. 7. 1977 година.

Извесен период беше Митрополит Струмички. Во 1994 година беше востоличен за прв Митрополит на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Од активната архијерејска служба се повлече во 2006 година.
 

Бог да го прости и Царство Небесно. ✝️

,

† Оние кои ќе им пријдат на страдалниците природно Му се приближуваат на Бог, зашто Бог е секогаш покрај своите чеда кои страдаат.
- Старец Пајсиј Светогорец