• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Џек и неговиот фенер


Во едни многу далечни времиња, на уште подалечно место, си живееше еден многу курназ човек.

А обичен ковач бил. И се викал Џек, и имал келтско потекло.

Рековме бил снаодлив ама си имал човекот и две маани. Едната маана му била скржавоста, а другата, си бил мераклија за пиење. И бидејќи пара не му се давало а му се пиело, се погодил со ѓаволот да си продаде душа за пиење.

Речено - сторено, овој си нарачал пијачка, а ѓаволот се претворил во паричка со која што Џек би платил. Курназов ја зел паричката и си ја ставил в џеб. Обично велиме дека скржавите имаат змија во џеб, ама Џек, наместо змија, да ти имал крстче во џебот.

И како што обично крст и ѓавол не одат заедно, ѓаволот не можел да си го врати обликот. Молел, колел, ветувал кутриот и се испазарил со ковачот следните десет години да не му бара душа.

Се кандисал Џек и ја извадил паричката. Ѓаволот заминал, а овој раат си терал уште 10 години.

Арно ама, и тие минале, и дошло време за нова средба. Овој бара душа а другиов бара последна желба. Последната желба да ти била ѓаволот јаболко да му подаде. Овој дава, другиов зема и веднаш крст изрежал на јаболкото и пак куртулил. После некое време починал и тргнал на патот кон вечноста.

Знаејќи го каков е, во Рај не го примиле, па морал кај стариот пријател. Но и овој неколкупати насамарен не го сакал, туку му дал жар во раце за да му жежи вечно и го набркал. Арно ама курназ си е курназ и после смртта во приказнава, па од џеб извадил репка, ја издлабил и направил фенер со кој и ден денес лута барајќи крајна дестинација. И така лукавиот ковач Џек го направи прототипот на халовинскиот фенер кој традиционално од тоа време се користел кај Келтите ама не и пошироко, за разлика од денес.

Кога после неколку холивудски филмски промоции на Haloween како празник, празнувањето се сфати како забава а не како славење на празникот на сите светии, трговците протрија раце. Одлучија, на Џек наместо свеќа, за покој на душа милиони фенери да продаваат по светов кои ќе се палат во негова чест. Знаат и тие дека за Џек и паганизмот ништо не знаат, ама финансискиот бенефит добро го знаат.

Па што е тука битно дали сме биле христијани или муслимани и будисти, дали сме биле католици, протестанти или православни?

Парата е над сите религии, дури и над паганизмот во овој случај. А добрата реклама и желбата да бидеме "ИН" и во тек со сите светски мас прослави, кога веќе Дедо Мраз ни го донесе пред многу години од Лапонија, карневалите од Рио, зошто не би го донеле и Џек фенерџијата.

Па тоа е само забава, ќе речат во образованието, оние кои не знам дали по наставна програма или по нивна креативна слобода даваат дури задолжение децата да дојдат на школо со страшни маски од вештерки, костури и со издлабени тикви како фенери.

Ако им е забавно нека се забавуваат, де. Па вера и љубов кон Бога не се наметнува. Ниту пак преку забава се христијанизира или паганизира.

И не дека пишувам против овој празник бидејќи ни дошол од страна, па сега јас патриотски ги чувам нашите традиционални, туку друго нешто ме боли.

Кога утре ќе чујам дека ние што во Христа веруваме сме конзервативни и глупави, а овие што шетааат со на Џек фенерите и летаат на метли или коски си пребројуваат се in, тоа ме боли.
Дури и Уставниот суд своевремено бараше да повлечеме веронаука од училишта, бидејќи тоа било индоктринација на децата и дека местото на веронауката и е во црквата и никако преку нејзиниот праг. Исто така на почеток на школската година се дигна ука - бука што некој без знаење на родителите ги однел децата на призив на Свети Дух во црква, бидејќи било тоа злоупотреба и прекршување на човечките права и верски слободи на децата.

Ќе мине викендов и овој празник. Речиси во сите школи децата во петок ќе одат со фенери, маски и метли... И со ќејф ќе чекам да видам дали реакциите на социјални мрежи ќе се вжештат до онаа мера од почетокот на септември кога по црквата се фрлаше со дрвја и камења за погоре споменатиот случај од Пробиштип, или пак ФБ ќе се преплави со сликички од маскирани дечиња и коментари од типот "види ги колку се слатки, вештерче убаво на мама, златното костурче на тета и слично".

И тогаш ќе проценам дали келтскиот ковач Џек го насамарил само ѓаволот или и сите нас кои наивно и забавно уште го шетаме неговиот фенер.

Отец Пимен
 

Октомври 2015/off.net.mk

† Оние кои ќе им пријдат на страдалниците природно Му се приближуваат на Бог, зашто Бог е секогаш покрај своите чеда кои страдаат.
- Старец Пајсиј Светогорец