• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Проповед на Митрополотот Европски г.Пимен на 16.12.2018г. -Дваесет и деветтата недела по Педесетница,во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид.

Митрополит Пимен

Стани и оди си. Верата твоја те спаси.

Зборови изговорени од Христа, а зборови толку посакувани да бидат чуени од секого од нас кој се нарекува Христијанин, бидејќи, „живееме ли, умираме ли, Господови сме“ и не сме епизодни, па, кога ќе застанеме пред лицето на Нашиот Бог Света Троица на Страшниот Христов суд, безрезервно веруваме и се надеваме овие зборови да ги чуеме од Бога како што Самарјанинот кој се вратил и заблагодарил на Бога за очистувањето ги чул, за токму преку овие чуени зборови да можеме да се вратиме во Домот на Нашиот Отец Небесен, во градината на нашите прародители Адам и Ева.

Попусто и суетно сме живееле на овој свет, ако на крајот на нашиот живот не ги чуеме од праведната уста на Нашиот Праведен Судија и човекољубив Спасител овие зборови дека верата наша нè спасила. И често ќе се запрашаме, но нели е тоа тешко и кој е патот што треба да го изодиме до небесата, па да застанеме пред Бога и да ги чуеме зборовите за нашата вера и спасението.

Но Господ Бог секогаш ни го дава одговорот и како и секогаш за утеха денес во евенгелието го чувме и рецептот како да постапуваме за да ги чуеме еден ден овие спасителни зборови.

И така.

Да бидеме истрајни во молитвата како десетмината лепрозни кои со силен глас викаа кон Христа со непрестајна молитва: „Исусе Наставниче, смилуј се!“, подобно на исихастите кои деноноќно повикуваат: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме мене грешниот“.

Никогаш да не се сомневаме дека во движењето низ искушенијата на земниот живот ќе се очистиме од сите валканици и болести на телото и духот, како што се очистиле лепрозните од Евангелието по патот кога оделе да им се покажат на свештениците, како и ние кога одиме да се претставиме пред Отецот Небесен.

И најважно, во овој евангелски рецепт за стекнување на спасението преку верата, е благодарењето. Затоа што десетмина се очистиле, но само еден се вратил да се заблагодари на Христа и само еден единствен од сите нив ги чул спасителните зборови од Бога.

Каде се деветтемина? Каде се оние што добиле исцеление од болеста на телото, но не и исцеление на болестите на душата затоа што не се вратиле и незаблагодариле? Каде е мноштвото народ денес кој подобно на телесно исцелените од евангелието откако ќе се исцели преку верата и причестувњето со Телото и Крвта на Христа Бога на литургиите, на евхаристијата (благодарењето) потоа повторно се враќа во трњето на секојдневните искушенија и заборава да благодари за секој еден утешен збор чуен од неговиот духовен отец, од парохиското свештенство и архиереите на својата црква, туку на место благодарење од нивните усти ќе чуеме осуда, ќе чуеме закани, клевети, сомнежи и разочарувања. Не енаше да вратме со иста мера, за окото око да бараме и за забот заб, туку да Му благодариме на Бога и за сите нив што ни ги доверил во нашето стадо за заеднички да се спасуваме преку осудите нивни и нашите простувањата.

А Милостивиот Господ Бог не ни дава никогаш искушение кое е посилно од нас, коешто не би можеле да го носиме на нашиот грб. И ако благодариме ќе добиваме и благодатни и аскетски периоди кои постојано ќе се испреплетуваат низ нашиот живот, и преку тоа без сомнеж ќе ги чуеме и Христовите зборови: „верата твоја те спаси!“

И не само зборовите од денешното евангелие на ова нè учат и ни го потврдуваат, туку и животите на сите оние свети луѓе кои што живееле на земјата со Бога во срцата и молитвата на усните. Сите тие денес се наши молитвеници пред Бога на Небесата, а ние Му благодариме на Христа што ни ги дал и за пример и за молитвеници.

Особено Му благодариме за и на оние свети луѓе кои што живееле на нашиве македонски простори што покажале дека оваа земја е погодна за спасение и осветување. И за овој град како седиште на древната Охридска архиепископија со епитет Славјански Ерусалим. Им благодариме денес на Господа и ним затоа што благодарение на спроведувањето на евангелието во сопствените животи благодареле на Бога и ја добиле Архиепископија пред точно 1000 години и нас нè задолжиле да го прославиме овој едномилениумски јубилеј, но и јубилејот на мисијата тргната од овие простори на северот во Моравија, за да се проповеда евангелието низ народот на свој разбирлив јазик пред 1155 години.

Благодариме на Бога и за оние храбри мажи, со вера, од втората светска војна кои пред 75 години во Издеглавје се собрале и дали насоки и заклучоци дека треба и мора да се возобнови Охридската Архиепископија. Благодариме и на оние верни луѓе што пред 60 години ја возобновија оваа древна архиепископија во лицето на МПЦ. Благодариме и на оние луѓе што не задолжиле нас денес да го прославиме и овој денешен јубилеј од 50 години ставени во монографија како постои оваа Дебарско-кичевска епархија. Благодариме на Бога за сите убавини што ги распослал низ епархијава славеник, а воедно му благодариме и на возглавителот на епархијава г. Тимотеј за поканата соборно, како свет Синод на нашата Светиклиментова цркв,а да заедничариме и благодариме во овој храм на Премудроста Божја и со тоа да ја завршиме оваа јубилејна година за МПЦ.

Да Му благодариме на Христа Бога и за ова парче земја што ни го дарувал и зачувал за на него и своја црква да основаме и низ молитвите промолитвени во сите манастири и цркви низ неа да Му се молиме Нему и да Му благодариме во недежта дека од Него ќе ги чуеме оние насушни за нас и нашето спасение зборови: „Верата твоја те спаси!“

Нека ни се вечни сите јубилеи низ годинава зад нас и дај Боже уште многу години и многу нови јубилеи кои ќе ни бидат причина плус постојано да Му благодариме на Бога за сите и за сè.

И о всјех и за всја.

Нека си спомне Господ Бог денес за сите возглавители на епархијата, митрополитите Методиј и Ангелариј, и за прерано упокоеното чедо Јован и нека им подари Царство Небесно и вечен спомен.

Охрид

16.12.2018