• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Дедо има нешто да ни каже


Еве веќе изминува половина од третата недела од постот. Мирен сончев ден. Дел од богослужбите отслужени. Посна трпеза, муабет со какао и распределување на обврските попладневни. Не се живее само од молитва. Треба и мотика. Ќе се копа малата бавча за да се искористи сезоната за садење на зеленчук. За сѐ се има време бидејќи постот се тера не само со храна, туку традиционално веќе и со воздржување од сите социјални медии ФБ, инста... дури и телефон. Користа двојна, ем ти имаш повеќе време за себе и за работа, ем гледаш дека светот не пропаѓа поради тоа што одамна ништо мудро не си кажал во етерот. Не станал светот  ни подобро, нит полошо место за живеење, а ти сепак си здобил смиреност која ја преточуваш во молитва за себе, за оние што ги љубиш и те љубат, за оние на кои им го вртиш другиот образ, за оние кои и покрај воспалението на  вратот од вртење упорно те мразат...
Па нека ги поживее Господ. 

Во каков филм за себе би живееле ако се растопат како восок пред лицето на огнот непријателите наши? Дека сите нѐ љубат? Дека сме стигнале до тој степен во кој сме им угодиле на сите?
Да не се лажеме. Луѓето кои повикуваа Осана, благословен е оној кој доаѓа во името господово, (Јован 12,13) за само неколку дена повикаа од истите усти Распни Го. 
А Го сменил ли Христос односот кон нив та се сменил и односот нивни кон Него? Секако дека не. Христос нѐ љуби со ист интензитет од моментот кога сме биле земен прав, до свршетокот на светот. Но, не се смениле ниту луѓето во тие 2-3 дена, туку само она што мислеле дека им е љубов им се претворило во пизма, бидејќи било само интерес за лична и општонародна добивка. Националното ослободување го издигале пред ослободувањето од гревот. И нормално Варава е избран пред Христа кога временото се преферира пред вечното. 

И кога луѓето на Совршениот Бог и Совршениот Човек во истовреме, му нашле “замерка” во цело Негово совршенство, извесно е дека и ние би биле омразени од некого праведно или неправедно.


Ако мене ме гонеа и вие ќе бидете гонети ќе нѐ поучи Христос. (Јован 15, 20)
А ние имајќи го ова на ум треба ли да очајуваме, треба ли на каменот со камен да вратиме? Не смееме да го заборавиме ни тоа дека кој за нож ќе се фати, од нож ќе погине. (Матеј 25, 52) Нити заповедта да ги љубиме непријателите свои и да се молиме за нив.(Лука 6,31)
Во подвигот на љубовта не се расне кога пред тебе постилаат  цвеќина и палмови гранчиња. Во подвигот на љубовта се расне кога по тебе се фрлаат дрвја и камења, а ти ги собираш за градење на црквата и Му благодариш на Бога за секој камен и оние кои ги фрлале камењата ги споменуваш како дарители и ктитори. 

Поживеј ги Господи Боже мој сите што фрлиле и фрлаат камен оти има уште многу за градење по патот на утврдувањето во љубовта. Оние што сеуште се со камен во раката направи ги разумни та да дојдат и сами да го положат каменот во ѕидот и утврди ги во добрината твоја, та да увидат дека поубаво е чувството на љубов отколку чувството на пизма на душата. 

Пред да се фатам за мотиката се сетив на она што денес го прочитав на порталите како куп прашања со критики упатени кон мене и за кое одлучив да не одговорам, но се сетив и на она што го прочитавме денес во паримиите:

7. Кој поучува бесрамник, ќе си спечали неславност, и кој го разобличува нечестивецот – дамка.
8. Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака. (Сол. Изреки 9, 7-8)

 Па ете, јас напишав страница во посниот дневник за спомен, а секој според бесрамноста своја нека ме намрази или според мудроста своја нека ме засака. Мое е да ги сакам и едните и другите и да  Му благодарам на Бога што ни дал вера подеднакво да ги сакаме и едните и другите и кога не знаат и кога знаат што прават.


Митрополит Европски г.Пимен

,