• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

50 години МПЦ-ОА во Шведска и Европа

50 години МПЦ-ОА во Шведска и Европа

КАНОНСКА ПОСЕТА НА ШВЕДСКА

Во периодот од 19.10.2023 до 24.10.2023, по покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, а по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на првите македонски црковни општини во Западна Европа, Неговото Блаженство, Архепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан беше во канонска посета на Македонските црковни општини во Шведска: „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг и „Св. Наум Охридски“ во Малме.

На 20.10.2023 година Поглаварат на МПЦ – ОА и Надлежниот Архијереј имаа средба и работна вечера со претставникот на Комисија за верски прашања при Владата на Шведска, г. Мартен Сандмарк. Следниот ден, на 21.10.2023 година, денот во кој се прослави 50-годишнината Архиепископот г. г. Стефан чиноначалствуваше на Света Архијерејска Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, во сослужение со Митрополитот г. Пимен, како и со ставрофорните протопрезвитери: Блажо Кожарски од МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Малме, Ефтим Велкоски, од храмот домаќин, Игор Давидовиќ од српската црковна општина во Гетеборг и Кирко Велински од МПЦО „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, игуменот Агатон Апостоловски, презвитерот Кирил Фидански и протоѓаконот Александар Димитријов од Скопје.

По завршувањето на Литургијата се одржа свеченост по повод 50-годишнината од основањето на црковната општина, на која присуствуваа и: вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Шведска, Н.Е. Стојанче Китаноски и членовите на Комисијата за верски прашања при Владата на Шведска г. Мартен Сандмарк и г. Матиас Фалк, претставници на Иницијативниот одбор за организирање на македонска црковна општина во Осло, Норвешка, како и претставници на македонските организации од Гетеборг ‒ МКД „Гоце Делчев“ и МК „Вардар“.

Утредента, во недела, на 22.10.2023 година, пак, со Света Архијерејка Литургија се одбележа  и педесетгодишнината од основањето на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Малме. Со евхаристискиот принос чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а во сослужение со Неговото Висоскопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен и со Неговото Преосвештенство Епископот Британско-Скандинависки г. Доситеј од Српската Православна Црква, како и со ставрофорните протопрезвитери: Блажо Кожарски, Ефтим Велкоски и Кирко Велински, со ставрофорните презвитери од Романската и од Српската црковна општина во Малме, отците Михаил Раду и Александар Самарџиќ, како и игуменот Агатон Апостоловски, презвитерот Кирил Фидански и протоѓаконот Александар Димитријов.

На Литургијата молитвено учествуваше многуброен верен народ од нашинците во Малме и од неговата околина, како и претставници на МПЦО „Св. Климент Охридски“ од Копенхаген, Данска. По Божествената Литургија се одржа и Свечен прием по повод годишнината. На свеченоста присуствуваа  и видни личности од политичкиот и верскиот живот на Шведска, меѓу кои и: вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Шведска, Н.Е. Стојанче Китаноски, претставникот на градот Малме г. Садат Ариф, главниот свештеник за градот Малме на Шведската црква г-ѓа Гунила Халостен, претставникот на Бискупот од Лунд свештеник Јан-Олоф Агедал.

 На 23.10.2023 година, Негово Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Митрополит Европски г. Пимен, заедно со придружбата, во Лунд остварија средба со претставници на Шведската црква. Во отсуство на Поглаварот на Шведската црква, во негово име, на приемот присуствуваа старешината на Соборната црква, свештеникот Никлас Бладер и свештениците Јан-Олоф Агедал, Лена Сјостранд и Пер Кристианскон, како и професорот на Теолошкиот факултет во Лунд, д-р Самоел Робинсон.

На 24.10.2023  година, пак, Архиепископот и  Митрополитот. заедно со нивната  придружба, беа примени во општината на Малме, од претседателот на Градскиот совет, г-ѓа Амани Лубани.

Посетата на Архиепископот и Митрополитот беше примена со огромна радост од страна на многубројниот верен народ на Македонската Православна Црква во Шведска. А на средбите со претставници на Шведската црква и на шведските локални и државни институции, заеднички беше истакнувана големата и позитивна улога на Македонската Православна Црква во запазувањето на христијанската култура и национална посебност на нашинците во дијаспората.

 

превземено од Скопска Епархија (mpc-spe.mk)