• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

Куќна слава-како и зошто ни е потребна куќна слава?

Во текот на годината секогаш имаме празници, но некако овој период тие се нај интензивни и затоа ќе се потрудам некако едноставно ,според учењето на светите отци да пренесам дел од нивното учење и да објаснам за и околу славите.
Секој дом-семејство, треба да си има свој светител -заштитник,славејќи го неговото име кое се нарекува куќна слава.
Славата е  ден во кој особено му принесуваме слава и благодарност на Бога, во кој, исто така,  си спомнуваме со почит на некој светител Божји - а и во тоа име принесуваме трпеза на љубовта (ручек или вечера) 
Подготовката за „Славата“, треба да се развива во следните фази:
А) Неколку денови  пред Славата се препорачува семејството да има средба со својот парохиски свештеник-духовник на која ќе се разговара за духовната состојба на семејството и на членовите пооделно. Според насоката и подготовката, благословена од духовникот, семејството на денот на славата треба да учествува на Литургијата и да се причести со Крвта и Телото Христови – за со тоа да се засведочи и благослови нивната Слава принесена на Бога и во чест на некој светител. Се разбира дека семејството, односно, неговите членови, не треба за причест да го чекаат само овој ден, туку, со благослов и водство од својот духовник, треба почесто да го засведочуваат своето духовно единство со Христос причестувајќи се со Неговото Тело и Крв на Литургијата.
Б) Пред денот или на денот на славата семејството му принесува на Бога благодарност во вид на: 
 1. празничен славски леб, 2. блага (варена) пченица, 3. вино, и 4. славска свеќа. Приносот во името на семејството го благословува и принесува, или во нивниот дом или во храмот, парохискиот свештеник- духовник. По приносот тој му упатува на Бога молитва за дар на покајание, за чекорење по патот на спасението, за духовно и телесно здравје на целото семејство, спомнувајќи ги нивните имиња.
 
Овој принос на благодарност во себе ја содржи следната симболика.
 Празничниот-славскиот леб го симболизира нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Тој за себе вели: „Јас сум лебот на животот, кој доаѓа кај Мене нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.“ (Јован. 6, 32 – 59) Овоземниот леб не одржува телесно во живот, а Христос  со своето доаѓање во овој свет ни се нуди да биде наша духовна храна, небесен леб кој ќе ни дарува живот вечен и вечно постоење. И како што во себе, преку јадење, го примаме овоземниот леб, така треба во себе да ја примаме вистината од Лебот Небесен, од Христос, за со таа вистина да го осмислиме своето постоење и во овој свет и во вечноста. 
Виното е симбол на Христовата крв пролеана на крстот за наше искупување и оправдување, но и за победа над злото и злоизворникот – сатаната. Сето ова симболично е изразено преку тоа што парохискиот свештеник го врти (симбол на Христовото смирение и претрпено понижување) празничниот леб, го сече крстовидно од долната страна и во крстот налева пченица и  вино. 
Свеќата е симбол на Божјата светлина и вистина, а благата (варена) пченица е симбол на оживувањето подигнувањето воскресението на мртвите тела пред второто Христово доаѓање во овој свет – но тогаш како Судија на живите и мртвите.
Во домот пред вечерата-ручекот ,лебот се крши на парчиња,се става од виното во чаша и на една масичка сето тоа заедно со пченицата е поставено,пред свеќата и иконата.
Гостите доагајќи се прекрстуваат ,јадат од лебчето и пченицата и пијат од винцето и седнуваат на трпезата. Не е погрешно сето тоа да го послужува и домаќинката.
И многу важно е да се запазува постот на трпезата доколку славата е во пост или посен ден (среда-петок).Убаво и корисно е за време на ручекот да се одвои 5 мин.и некој да го прочита и житието на светителот кој го славиме ,за да знаеме кој светител е ,и која е неговата заслуга во Христијанскиот свет.
Погрешен обичај е, кога во текот на годината ќе почине некој  ближен, па семејството одлучува таа година, или неколку наредни години, да не го прережува славскиот леб..Славскиот леб задол¬жи¬телно треба да се пререже и во оние домови, во кои некој од семејството починал, а потоа задолжително треба да се освети и вода.
 И тогаш се принесува трпеза ,а може таа година да биде само во потесен круг на гости.
Денот на славата треба да биде голема радост за целото семејство .


Приготвил,
Протојереј Душко Пецов 
Св.Кирил и Методиј 
Дортмунд

† Начинот на исхрана треба да се усклади со силата и здраствената состојба на телото. Кога е здраво, да се ограничи колку што е потребно; а кога е слабо, малку да му се попушти.
Блажени Диадох Фотикиски (400—474)