• Партизански Одреди бр. 12 1000 Скопје
  • +38923111225
  • kabinet@mpee.mk

ПРОМОЦИЈА НА ДЕЛОТО „ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКА ЕПАРХИЈА (1967-2017)“

„Кога го видоа гробниот влез и, не поднесувајќи го блесокот на ангелот, мироносиците со трепет се чудеа и говореа: Зар е украден Оној што на разбојникот рајот му го отвори? Или, пак, стана Оној Кој и пред страдањето проповедаше Воскресение? Навистина Воскресна Христос, давајќи им на оние во адот живот и воскресение“ (седален воскресен глас 4, во Недела на утрена).

Црковниот живот на просторите на Дебарско-кичевската епархија има свои корени уште од ранохристијанскиот период, но особен печат, како своја „домашна“ црква, остава Охридската архиепископија. Иако не секогаш била во својот најголем подем, и не секогаш била раководена од свои словенски архиереи, споменот за неа и духовните традиции што таа ги испишала врз „плочките од срцето“ на верниот народ никогаш не исчезнале од колективната и црковната меморија на жителите на овие простори. И токму на тие црковно-духовни традиции се темели и Дебарско-кичевската епархија, која минатата 2017 година го прослави 50 годишниот јубилеј од нејзиното формирање како таква. За доброто на епархијата и за доброто на верниот народ се грижеле многу луѓе, на кои никогаш нема да им го заборавиме делото, но кога денес ќе се спомне Дебарско-кичевската епархија, како што кажа и нашиот теолог и професор, м-р Виктор Недески, таа се поистоветува со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. И тоа не е случајно. Митрополитот Тимотеј раководи мудро со епархијата повеќе од 37 години, а во негово време се обновени и изградени најголемиот број од црквите, манастирите и конаците. Неговата, пак, дејност, не застанува само со градителската грижа. Митрополитот Тимотеј низ сето свое архипастирствување посветува особена грижа на воспитувањето и образованието на нови кадри, а не помал труд има вложено и во издавањето на голем број богословска литература, стручно-научна и пастирска, од која богословите и верниците можат да ги надградуваат своите знаења и да се поучуваат. 

Големиот Јубилеј беше поводот да се роди една прекрасна идеја кај нашиот Митрополит, за создавање на монографија, посветена на Дебарско-кичевската епархија. Излегувањето на ова капитално дело и неговата промоција, беше причината поради која денеска, на 16.12.2018 година, во Дваесет и деветтата недела по Педесетница, се собравме во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. Најпрво беше отслужена света архиерејска Литургија, на која, во присуство на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Петар, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, епископите Климент и Јаков, архимандритите Нектариј и Григориј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, игуменот Агатон, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконите Сашо Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Дејан Борисов, Васил Ристовски и Христијан Костоски. На крајот на Литургијата, Митрополитот Пимен се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

По завршувањето на Литургијата, беше промовирано делото Дебарско-кичевска епархија (1967-2017). Промотори на истото беа акдемикот г-дин Таки Фити и Епископот Хераклејски г. Климент, а промоцијата ја водеше м-р Виктор Недески. Академикот Таки Фити се задржа на првиот дел од книгата, во кое свои авторски текстови имаат еминентните професори и научници: академик Вера Битракова Грозданова, проф. д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Александар Трајаноски и проф. д-р Дејан Борисов. Академикот Фити имаше пофални зборови за сите кои дале свој придонес во ова капитално дело, а упати честитки и пофалби и до главниот уредник - Митрополитот Тимотеј. Епископот Климент се задржа на вториот дел од делото, кој го зафаќа и најголемиот дел од книгата, а претставува шематизам на Дебарско-кичевската епархија. Епископот Климент упати особени честитки до авторите на овој дел: свештеникот Димче Азески, кој го напиша делот посветен на манастирите, како и протоерејот-ставрофор Игор Никовски, кој го напиша останатиот најголем дел од ова дело, а се погрижи и за техничкото уредување, кое со својата концизност, јасен стил и убаво скроени статистики, навистина восхитува. Епископот Климент упати особено пофални зборови кон Митрополитот Тимотеј, за неговата грижа и неуморен труд во неговата дејност како архипастир на овие простори, а на крајот, упати и апел до сите архиереи, ова монументално дело да биде поттик за создавање на уште вакви историски дела. На самиот крај од промоцијата, свое обраќање имаше и Митрополитот Тимотеј, кој се заблагодари на сите кои вложиле дел од својот живот за доброто на Епархија, на сите кои дадоа свој труд во креирањето на оваа монографија, а се заблагодари и на сите архиереи, свештенството, монаштвото, како и на сите верници, кои денеска зедоа учество во овој голем ден.

(извор:tge.mk)

† Оние кои ќе им пријдат на страдалниците природно Му се приближуваат на Бог, зашто Бог е секогаш покрај своите чеда кои страдаат.
- Старец Пајсиј Светогорец