г. Пимен, митрополит Европски
во базиликата
„Сан Клементе“ во Рим,
на 24.05.2023 (Св. Кирил и Методиј)
Кириле свети, ти преку твојот храбар подвиг на верата во Бога нè научи и преку писменоста што ни ја даде нè научи и сами, преку преведените од тебе книги, во верата да се учиме и во неа да растеме.
И не застана тука, туку со својот живот нè научи дека без ствав и без отстапки треба да се бориме, за она за кое знаеме дека од Бога ни е дадено, а кое луѓето не смеат да ни го одземат.
И лавина клевети на плеќи носејќи, патот, кој ние денес лесно го врвиме за благодариме и слава да ти кажеме, ти пешки си го изодел и храбро пред Адријан си се исправил и мудро зборувајќи во оправданоста на различностите си го убедил.
И дека богоизбраност нема, туку само напредување во верата и личниот однос со Бога преку јазик на кој се разбираме со Него за охристовени личности да станеме, наместо да бидеме статисти на литургијата на која немо и идолопоклонички би се осенувале со крстниот знак.
Од твојата храброст и мудрост поучени, Кириле учителе наш, за своето рамноправно место во соборот на црквите плавославни никогаш не престанавме смирено да се молиме.
Велам од твојата мудрост се водевме и од тебе молитвено застапништво баравме верувајќи дека како што нема од Бога избрани само три јазици за проповед, така нема ни само неколку народи за елитата на православието да ја чинат, туку дека светоста на црквата православна ја дополнува обединетоста во различностите на личностите кои веруваат во Бога Света Троица и кои на свој мајчин јазик со уста ја исповедаат таа наша заедничка вера.
И не отстапувавме во таа борба ние Македонците, за нашата Македонска православна црква местото во единството да го просиме.
И доаѓавме тука тебе да ти благодариме и да ти се молиме да нè укрепиш молитвено на тој пат. Доаѓавме со години и кога нè оспорувале и кога нè сопнувале и кога нè исмевале и отфрлале и системот во кој што сме живееле и оние кои денес рамноправно браќа во верата Христова ни се.
Верувавме, доаѓавме и се молевме на твојот гроб за во единството на црквата рамноправно и молитви на нашиот македонски јазик да се принесуваат и услишуваат.
И токму на твојот гроб и во твој спомен лани и токму на ова место радосната вест дека се прифаќа нашата афтокефалнст ја чувме.
И ете молитвените и покајнички солзи на сите генерации што со почит при тебе доаѓале низ годиниве, минатата година во солзи радосници се претворија топејќи си ги рамената еден на друг во радосната прегратка кога чувме за рамноправното прифаќање меѓу сестринските цркви.
Ти благодариме свети Кириле што и кога паѓавме молитвено нè подигаше и ветуваме дека секогаш ќе доаѓаме на твојот гроб да се поклониме, мудрост да испросиме, од твојот подвиг во Христа Бога да се поучиме и со солзи благодарствени за солзите радосници твојот гроб да го измиеме.
Христос воскресна !